Thursday, February 5, 2015

Во коалиција против разумот и слободата





Не ми се јасни другариве. Ако тие ги претставуваат граѓаните, односно народот, тогаш би требало да излезат со постулати и тези прифатливи за сите граѓани, наспроти разликите меѓу граѓаните што ги има во секое општество.

Ако ја бранат Македонија како држава, би требало да ја бранат демократијата, би требало да ги бранат граѓанските слободи, слободата на говор, слободата на размислување и изразување; тоест тие би требало да бараат јавноста да има достап до секоја информација која ја осветлува работата на Владата, па на каков начин и да биле добавени. Друго е прашањето околу евентуалните судски разврски: дали некој нарушил некој закон при добавувањето на информациите и дали информациите ќе бидат искористени за докажување на евентуална вина на инкриминираните во нив.

Според реториката што ја користат, оваа мала група граѓани е создадена за да ја штити Владата и владејачката партија од други граѓани.
На тој начин овие граѓани и се оддолжуваат на партијата кај која очигледно се задолжиле.

Баш со вакво однесување тие придонесуваат кон уште поголем анимозитет меѓу граѓаните, ја суспендираат демократијата и го замолчуваат критичкото размислување.
Ова е време на диференцијација и време на одбирање страна.
Јас ја одбирам страната на слободата, страната на демократијата и страната на вистината. А до вистината се доаѓа со споредување на повеќе вистини. Затоа секоја евентуална вистина, секоја информација треба да биде слободно достапна.

Разбирам дека со откривањето на сите потенцијални вистини ќе предизвикаат нестабилност и стресна ситуација во државата, политичка и економска. Но таа нестабилност ќе биде во функција на лекување и создавањето имунитет од детските болести на демократијата со кои боледува нашата држава. Само на таков начин ќе ја одземеме власта од партиските врхушки и ќе ја вратиме во рацете на граѓаните, само така ќе добиеме одговорни и независни пратеници во собранието, само така ќе ги вратиме во функција демократските контролни механизми: независното судство, независното новинарство, независен Претседател на државата...

Во спротивен случај болеста ќе продолжи, анимозитетот ќе расте можеби и уште некој подолг период, но во некој момент националното македонско ткиво ќе биде разрушено, тоа ќе доведе до неиздржлива конфронтација и голема нестабилност која може да ја уништи Државата, но секако ќе ја уништи демократијата и цивилизираната иднината на Македонија.

Интелектуалци! Срам да ви е! 
Вие би требало да бидете во коалиција со разумот и слободата.

No comments:

Post a Comment